Македонците во банки чуваат 2,8 милијарди евра, а за десет месеци, од ноември лани до август годинава, заштедите на домаќинствата пораснале за фантастични 200 милиони евра. Или месечно граѓаните тргале на страна по 20 милиони евра, односно околу 670.000 евра дневно завршуваат на сметка во банка како заштеда. Ова го покажуваат статистичките податоци на Народната банка, каде се гледа и дека расте штедењето во денари и прв пат по 2007 година овој вид штедење ја зазеде главната позиција во валутната структура на депозитите. За експертите е нелогично што во економија во рецесија со стапка на невработеност и сиромаштија од околу 30 отсто, растат депозитите на граѓаните, кои по правило би требало да паѓаат. Логички, пак, паѓаат депозитите на компаниите, кои поради исклучително тешката состојба поради глобалната криза немаат од што да заштедат.
Македонците во банки чуваат 2,8 милијарди евра, а за десет месеци, од ноември лани до август годинава, заштедите на домаќинствата пораснале за фантастични 200 милиони евра.
Или месечно граѓаните тргале на страна по 20 милиони евра, односно околу 670.000 евра дневно завршуваат на сметка во банка како заштеда. Ова го покажуваат статистичките податоци на Народната банка, каде се гледа и дека расте штедењето во денари и прв пат по 2007 година овој вид штедење ја зазеде главната позиција во валутната структура на депозитите. За експертите е нелогично што во економија во рецесија со стапка на невработеност и сиромаштија од околу 30 отсто, растат депозитите на граѓаните, кои по правило би требало да паѓаат. Логички, пак, паѓаат депозитите на компаниите, кои поради исклучително тешката состојба поради глобалната криза немаат од што да заштедат.
Податоците покажуваат дека вкупно во банка се чуваат речиси 3,9 милијарди евра, од кои околу 2 милијарди се депозити во денари, а речиси 1,8 милијарда евра во странска валута. Логички се поставува прашањето кој штеди и од каде се парите?
Експертите се децидни дека станува збор за пари извадени од под перница или од печалбарите од странство, кои испраќаат помош за најблиските. Велат дека во ситуација кога ништо не е променето на страна на доходот на домаќинствата, нелогично е да има друга причина за пораст на депозитите. Тие ги орочуваат своите заштеди во домашните банки, од каде што добиваат камата од 5-6 отсто годишно.
- Тоа се или пари извадени од под перница или дознаки од странство, кои бележат значителен пораст. Можно е тој дел на зголемените депозити по банките да се прелева како дознаки од странство. Имајќи го предвид стандардот на граѓаните и континуираниот пораст на цените, нормално е да се очекува штедните депозити да паѓаат. Доходите во реалниот сектор не се зголемени, туку поради порастот на трошоците, се и намалени, имаме пад на БДП. Според мене, ова се пари извадени од под перници, но и дознаки од странство, кои вообичаено, според информациите на НБМ, растат со голема динамика - вели професор Мирољуб Шукаров.
Експертите коментираат дека во земја со стапка на сиромаштија и невработеност околу 30 отсто не може секој да штеди, туку само тој што има од што да заштеди, односно дека нерамномерноста во дистрибуцијата на приходите резултира и со нерамномерност во штедењето.
Граѓаните велат дека Македонците се познати по тоа дека и да немаат, мора да остават резерва за црни денови.
- Немам, ама сепак ако ништо друго, не ги чепкам заштедите што ги имам од порано. Имав тетка во Австралија, која ми праќаше поздрави од таму, по некој долар, кои паметно си ги ставив во банка. Не дека се многу пари, ама за не дај боже ќе се најдат. Тоа ми е резерва за „црни денови“ и досега иако сум се наоѓал во таква состојба, сум се позајмувал и враќал, ама тие пари во банка не сум ги чепкал – вели Стојановски од Скопје.
Извештајот на „Велт икс“ неодамна ја рангира земјава на 42. место од вкупно 45 европски држави, според бројот на мултимилионерите. Според извештајот, 35 луѓе располагаат со вкупно 4 милијарди американски долари, или со 40 отсто од националното богатство.
Од друга страна, податоците на Народната банка покажуваат дека стагнира кредитната активност на банките. Заклучно со август граѓаните и компаниите должат вкупно 3,5 милијарди евра кредит, нешто помалку отколку во претходниот месец. Податоците покажуваат дека банките во август повеќе им одобрувале кредити на домаќинствата отколку на компаниите.